2 Kings 6
1 Тогаш пророчките синови му кажаа на Јелисеја: »Ете, местото каде што живееме при тебе, е тесно за нас;
2 да одиме до Јордан, да земеме оттаму секој по една греда и да си направиме таму живеалиште.« Тој им рече: »Одете!«
3 А еден од нив рече: »Направи ни милост, дојди и ти со слугите твои.« Тој одговори: »Ќе дојдам.«
4 И тргна со нив, дојдоа до Јордан и почнаа да сечат дрвја.
5 И кога еден соборуваше греда, секирата му падна во водата. Тој извика и рече: »Ах, господару! А таа беше земена на заем!«
6 Божјиот човек запраша: »Каде падна таа?« Тој му го покажа местото. Тогаш Јелисеј исече парче дрво, па го фрли таму, и секирата исплива.
7 Тогаш му рече: »Земи си ја.« Тој ја спружи раката и ја зеде.
8 Сирискиот цар тргна во војна против Израилците и се советуваше со слугите свои, велејќи: »Во тоа и тоа место ќе го поставиме својот логор.«
9 Божјиот човек испрати да му кажат на Израилскиот цар: »Внимавај да не минуваш преку она место, зашто таму Сиријците се во заседа.«
10 И Израилскиот цар испрати разузнавачи, на тоа место, за кое му порача Божјиот човек, и се пазеше; и се зачува оттаму не еднаш и не двапати.
11 И му се вознемири срцето на сирискиот цар поради тоа, и тој ги повика слугите свои и им рече: »Кажете ми, кој од нашите одржува врска со израилскиот цар?«
12 И рече еден од слугите негови: »Никој, господару мој, цару; туку пророкот Јелисеј, кој е во Израилот, му ги соопштува на израилскиот цар и оние зборови, што ти ги говориш во спалната соба своја.«
13 Тогаш тој рече: »Одете, дознајте, каде е тој, и јас ќе испратам да го фатат.« И му соопштија и рекоа: »Ете, тој е во Дотаим.«
14 И испрати таму коњи и коли и многу војска. Дојдоа ноќе и го опколија градот.
15 Изутрината слугата на Божјиот човек стана и излезе. А тоа војска околу градот и коњи и коли. Слугата му рече: »Тешко, господару! Што да правиме?«
16 Тој одговори: »Не плаши се, зашто оние, што се со нас, се повеќе од оние, што се со нив.«
17 Јелисеј се помоли и рече: »Господи, отвори му ги очите да види.« И Господ му ги отвори очите на слугата, и тој виде, а тоа целата гора полна со коњи и огнени коли околу Јелисеја.
18 Кога Сиријците отидоа при него, Јелисеј му се помоли на Господа и рече: »Порази ги со слепило.« И Господ ги порази со слепило, според зборот на Јелисеја.
19 Јелисеј тогаш им рече: »Не е тоа патот, не е тоа градот, одете по мене, јас ќе ве одведам при оној, што го барате.« И ги одведе во Самарија.
20 Кога дојдоа во Самарија, Јелисеј рече: »Господи, отвори им ги очите да видат.« И Господ им ги отвори очите, и видоа дека се среде Самарија.
21 Израилскиот цар, кога ги виде, го праша Јелисеја: »Да ги убијам ли, оче мој?«
22 Но тој одговори: »Не ги убивај. Зар со сабјата своја и со лакот свој ги зароби, та да ги убиваш? Дај им леб и вода; нека јадат и пијат, и да си одат при господарот свој.«
23 Тој им приготви голем обед, и тие јадеа и пиеја. Ги отпушти, и тие си отидоа при господарот свој. Оттогаш тие сириски ограбувачки групи не одеа веќе во Израилевата земја.
24 Потоа сирискиот цар Адад ја собра целата војска своја, тргна и ја опседна Самарија.
25 И настана голем град во Самарија, кога ја опседнуваа, така што една ослешка глава се продаваше за осумдесет сикли сребро, и четврт каба гулабова кал – за пет сикли сребро.
26 Еднаш израилскиот цар одеше по ѕидот, и една жена му зборуваше со плачење: »Помогни ми, господару мој, цару.«
27 Тој одговори: »Ако Господ не ти помогне, од каде ќе ти помогнам јас? Од гумното ли, од точилото ли?«
28 Ја праша уште царот: »Што ти е?« А таа одговори: »Оваа жена ми рече: ‚дај го твојот син да го изедеме денес, а мојот син ќе го изедеме утре.‘
29 И го сваривме мојот син и го изедовме. На другиот ден јас ѝ реков: ‚дај го и ти синот свој, да го изедеме.‘ Но таа го сокри синот свој.«
30 Царот, откако ги чу зборовите на жената, ја раскина облеката своја; и, одејќи по ѕидот, народот виде, дека тој носи на самото тело свое вреќиште.
31 И царот рече: »Тоа и тоа да ми направи Бог и уште повеќе да додаде, ако остане денес главата на Јелисеја, Сафатовиот син, на него.«
32 А Јелисеј седеше во домот свој, и старците седеа кај него. И испрати царот еден од своите слуги. Пред да дојде пратеникот при него, Јелисеј им рече на старците: »Гледате ли дека тој, син на убиец, испрати да ми ја земат главата? Гледајте, кога ќе дојде пратеникот, затворете ја вратата и притиснете го со вратата. А ете го и топотот на нозете на господарот негов по него!«
33 Додека уште говореше со нив, ете пратеникот пристигна при него, и му рече на Јелисеј: »Ете какво зло од Господа! Што да чекаме во иднина од Господа?«